Furkan Naci Top
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
АТИНА (АА) – Фуркан Наџи Топ – Забележан е раст од 90 проценти во приливот на мигранти кон грчките острови во последните два месеци, наспроти претходните два. Меѓу нив има и сириски бегалци од Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде АА од Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) и грчките официјални институции, во август и септември, процентот на прилив на бегалците пораснал до 88 отсто. По договорот меѓу Турција и ЕУ, приливот на бегалци беше речиси застанат, меѓутоа овој процент на раст ги зголемува и сомневањата во врска со иднината на овој договор.
По почетокот на спроведувањето на договорот, во март, процентот на нелегалниот прилив на бегалци од Сирија, Ирак, Пакистан, Авганистан и од Алжир, кои преку Турција преминуваат на грчките острови, забележува пад од 97 проценти.
Во јуни, бројот на мигранти забележува најголем пад од 2015 година наваму, со 1.554 мигранти. Меѓутоа, по овој месец, се бележи раст кој не е за потценување.
Бројот на мигранти во јули достигна до 1.920, во август оваа бројка речиси се зголеми двојно и порасна на 3.447. Во септември, оваа бројка изнесува 3.080 мигранти.
На ваков начин се забележува раст од 88 отсто во септември и август, наспроти јуни и јули. Најголем дневен прилив е забележан на 29. август, кога оваа бројка изнесуваше 462 мигранти.
Во првите 4 дена од октомври, 561 мигрант преминаа на грчките острови. Ако оваа бројка се спореди со истиот период од месец септември, се забележува раст од 30 отсто.
Во Грција има околу 60 илјади мигранти заглавени по затворањето на балканските граници, додека пак минатата година и во првото тримесечје од оваа година, бројот на бегалци кои ја преминуваа Грција изнесуваше над 1 милион.
Во рамките на договорот меѓу Турција и ЕУ, на грчките острови има 14 илјади 597 мигранти, кои чекаат резултати од барањата за азил. Поради недостаток на експерти, оваа процедура трае веќе шест и пол месеци.
Во овој процес, во рамките на договорот, бројот на баратели на азил вратени назад во Турција остана 633.
Од друга страна, трговците со луѓе шират гласови меѓу бегалците дека нема да се оствари договорот, со што предизвикуваат поголем број лица да се обидат да преминат на други места.
Во меѓувреме, грчките власти стравуваат од можноста, доколку Турција не ја добие визната либерализација, договорот да падне, а со тоа Грција би се соочила со нов бран бегалци.