Ahmed Asmar
04 Септември 2024•Ажурирај: 05 Септември 2024
РАМАЛА (АА) - Израелската војска денес распореди повеќе сили на окупираниот северен Западен Брег во тековната голема офанзива која влезе во осмиот ден.
Дописникот на Анадолу јави дека израелската војска распоредила воено засилување во одредени области во Џенин и Тулкарем, поради размената на оган со палестинските борци.
Израелската војска ја заостри блокадата на бегалскиот камп Џенин, испраќајќи повеќе сили придружувани од дронови и булдожери.
Според очевидци, израелската војска привела неколку Палестинци од бегалскиот камп Џенин, ги испрашувала, но подоцна ги ослободила.
Булдожерите на израелската војска и понатаму ја уништуваат инфраструктурата во градот Џенин и во бегалскиот камп, прекинувајќи го водоснабдувањето и струјата за граѓаните, истакнаа очевидците.
Во Тулкарем, израелската војска продолжува да ја уништува градската инфраструктура, додека војници упаднале во неколку домови откако ги разнеле нивните порти, изјавија очевидците за Анадолу.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека нивните медицински тимови третирале и префрлиле во болница осум Палестинци кои претрпеле задушување од пожарите избувнати во бегалскиот камп Тулкарем како резултат на израелската офанзива.
Во меѓувреме, палестинските групи на отпорот, меѓу кои и Хамас и Исламски џихад, како и Бригадите на шехидите на Ал Акса на владејачката група Фатах, објавија во одделни изјави дека нивните борци се судриле со израелските сили во Тулкарем.
Израелската војска минатата недела ја започна својата најголема воена операција на северниот дел на Западниот Брег во последните две децении, во којашто загинаа најмалку 33 лица и се предизвикани огромни разорувања.
Офанзивата се случува во време на зголемени тензии на окупираната територија додека Израел продолжува со својот брутален напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 40.800 Палестинци, главно жени и деца.
Оттогаш, според податоците на Министерството за здравство, во израелски оган на Западниот Брег загинати се најмалку 685 лица, а над 5.700 се повредени.