Израелската армија приведе 24 Палестинци низ окупираниот Западен Брег и уништи домови
- За уривање на палестинските домови Израел го користи изговорот дека немаат градежни дозволи, особено во Зоната Ц на окупираниот Западен Брег.

РАМАЛА/ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските безбедносни сили денес приведоа 24 Палестинци, меѓу кои едно дете и едно службено лице, на окупираниот Западен Брег, соопштија очевидци и официјални лица, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската армија привела девет лица во два северни града во Тулкарем, две во Наблус, три во источна Калкилија и пет во Џенин.
Двајца Палестинци беа приведени и во градот Витлеем, а уште двајца, меѓу кои и едно дете, во Хеброн.
Комисијата за отпор на колонизација и ѕидот на раздвојување на Палестинската самоуправа соопшти дека и нејзиниот директор Мурад Аштиви, исто така, е приведен во Израел. Тој е ослободен по кратко испитување.
Израелските сили, исто така, ја урнаа куќата на еден Палестинец во Рамала, во централниот дел на Западниот Брег, наведувајќи го како причина дека немал градежна дозвола, изјави за Анадолу претседателот на селскиот совет Ал-Мугаир, Амин Абу Алија.
Абу Алија рече дека уште 70 куќи се соочуваат со ризик од уривање според наредбите издадени од Израел.
За уривање на палестинските домови Израел го користи изговорот дека немаат градежни дозволи, особено во Зоната Ц на окупираниот Западен Брег.
Според договорот од Осло од 1995 година меѓу Израел и Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО), Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, е поделен на три дела - Зона А, Б и Ц.
Зоната Ц е под административна и безбедносна контрола на Израел сè додека не се постигне конечен договор за статусот со Палестинците.
- Напади
Израелската армија, исто така, синоќа повреди најмалку 10 Палестинци во различни делови на Западниот Брег, според медицински лица и локални извори.
Палестинското друштво на Црвената полумесечина (PRCS) соопшти дека едно лице е повредено во Каландија, северно од Источен Ерусалим, а друго во градот Ал-Рам.
Државната новинска агенција Вафа јави дека израелските сили фрлиле солзавец врз домовите во близина на ѕидот на раздвојување во Каландија, при што многу жители се задушувале.
Во друго соопштение PRCS наведува дека четири лица се повредени од израелски оган за време на нападот врз северниот град Наблус. Петнаесетгодишно момче се здобило со повреди од шрапнели.
Според Вафа, бројот на повредени цивили се искачи на осум во Наблус, меѓу кои три деца.
Армијата, исто така, испука шок-бомби и употреби солзавец врз цивилите во центарот на градот.
Еден млад човек бил приведен, а неговото возило било запленето од војската пред да се повлече од градот, додаде агенцијата.
Сведоците за Анадолу изјавија дека израелските напади биле насочени кон голем број јавни згради, вклучително и седиштето на противпожарната служба во Наблус, од каде што биле приведени неколку Палестинци и биле подложени на испитување на терен.
Активистите објавија фотографии од вандализирани згради на социјалните мрежи.
Локалните власти велат дека на Западниот Брег се убиени повеќе од 1.000 Палестинци, околу 10.300 се повредени и над 20.000 се уапсени, меѓу кои 1.600 деца, во војната во Газа од октомври 2023 година.
Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.