свет

Поништена одлуката на ОЈО - продолжува постапката против Стоилковиќ за исмејување на жртвите од Сребреница

- БДС и БНС на 19 април 2024 година поднеле кривична пријава против Иван Стоилковиќ, претседател на ДПСМ, сегашен заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, за негирање и исмејување со жртвите од геноцидот во Сребреница

Aida Cako  | 16.10.2025 - Обновена : 16.10.2025
Поништена одлуката на ОЈО - продолжува постапката против Стоилковиќ за исмејување на жртвите од Сребреница

СКОПЈЕ (АА) – Вишото јавно обвинителство донесе решение со кое ја уважи жалбата на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) и Бошњачкиот национален совет (БНС) во Република Северна Македонија, поднесена против решението на Основното јавно обвинителство Скопје од 19 мај 2025 година, јавува Анадолу.

БДС и БНС, претставувани преку адвокатката Едина Зекировиќ Фазлагиќ од Скопје, на 19 април 2024 година поднеле кривична пријава против Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, а сегашен заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, за негирање и исмејување со жртвите од геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина.

Според пријавата, во април 2024 година Стоилковиќ, во јавна објава на социјалната мрежа Фејсбук, за геноцидот во Сребреница напишал дека е „некрофилски Дизниленд“.

Поради оваа објава, БДС и БНС поднеле кривична пријава против Стоилковиќ за кривично дело - одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства од член 407-а во врска со член 403 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство, без да даде детално образложение, дејствата за кои бил пријавен Стоилковиќ ги оценило како дел од „слободата на изразување во политиката“, а делото го преквалификувало во ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (член 394-г став 1 од Кривичниот законик).

Со ваквата преквалификација, ОЈО ја отфрлило кривичната пријава со образложение дека „пријавеното, односно преквалификуваното дело не е дело што се гони по службена должност“.

Незадоволни од решението, БДС и БНС поднесоа жалба до Вишото јавно обвинителство кое, постапувајќи по жалбата на полномошникот на оштетените, адвокатката Едина Зекировиќ Фазлагиќ, донесе решение со кое жалбата се уважува, а решението за отфрлање на кривичната пријава се укинува, при што првостепеното обвинителство се задолжува да ја продолжи постапката.

„Овој момент во процесот на барање правда за жртвите од геноцидот во Сребреница, инаку признаен и потврден од Меѓународниот суд на правдата, во глобалната јавност познат како најголемо злосторство против човештвото во поновата историја на Европа, буди надеж кај граѓаните дека правдата ќе биде задоволена“, се наведува во соопштението на БДС.

Од организацијата додаваат дека „со утврдувањето вина кај тужениот ќе се прати порака дека негирањето и исмејувањето со геноцидот во Сребреница, како и со кое било друго злосторство против човештвото, претставува говор на омраза и нема да помине неказнето“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.