Esat Fırat
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Властите на Израел подготвуваат изградба на нова голема еврејска населба на подрачјето на окупираниот Источен Ерусалим, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Повикувајќи се на неименувани извори, весникот близок на Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, „Хајом“ (Hayom), јавува дека израелското Министерство за изградба и урбанизам ги приведува кон крајот подготовките за изградба на населбите на северниот дел на Источен Ерусалим.
Населба од вкупно 11.000 станбени единици ќе биде изградена во регионот Календија на подрачјето на некогашниот Меѓународен аеродром во Ерусалим.
Истиот извор јавува дека станува збор за населба која ќе биде градена во рамките на проектот за проширување на веќе постоечката еврејска населба Атарот.
Исто така, се наведува дека изградбата на новата населба била и претходно планирана, но дека е одложувана поради политички притисоци од меѓународно ниво.
Меѓународниот аеродром „Ерусалим“ во Календија е изграден во 1920 година на површина од 65 хектари, а затворен е по израелската окупација на Источен Ерусалим во 1967 година. Израелските власти потоа го преименувале во Аеродромот во Атарот, а моментално се користи како воена касарна.
Израелските власти во изминатите две години ги интензивираа проектите за изградба на нелегални еврејски населби на подрачјето на окупираните палестински енклави на Западниот Брег и Источен Еурсалим.
Израел, од окупацијата на Западниот Брег изгради 252, а во Источен Ерусалим 13 нелегални населби во кои моментално живеат над 600.000 еврејски доселеници.