Ekipa
29 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
БАГДАД (АА) - Ирачките безбедносни сили вчера усмртија најмалку 50 лица за време на обидот да ги растераат демонстрантите во градовите Насирија и Наџаф, на јужниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Извор од Одделот за здравство во покраината Ди Кар изјави дека во Насирија загинале најмалку 32 лица, додека 230 се повредени.
Се наведува дека демонстрантите настрадале за време на судирите со припадниците на безбедносните сили на мостовите „Ал Наср“ и „Ал Зејтун“.
Безбедносните сили се судрија со демонстрантите рано во четвртокот при обидот за воспоставување контрола на двата моста.
До судири дојде и во Наџаф каде што загинаа најмалку 18 лица, додека 350 се повредени.
Очевидците наведуваат дека група неидентификувани машки лица отвориле оган врз демонстрантите за време на протестите кои еруптираа во многу делови на градот.
Командата за операции во Наџаф соопшти дека полицискиот час воведен во средата бил продолжен поради насилството до кое доаѓа на демонстрациите.
Во меѓувреме, ирачкиот премиер Адил Абдул-Махди го именуваше генералот Али ал Хашеми за воен командант за да воспостави безбедност во Наџаф.
На почетокот на октомври во Ирак се организирани протести на кои демонстрантите ги критикуваа лошите услови за живот и корупцијата.
Врховната комисија за човекови права во Ирак соопшти дека од 1 октомври загинале најмалку 348 лица, додека околу 15.000 се повредени.