Mustafa Deveci
13 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - На влезот во градот Рамала, на Западниот Брег, дојде до судири меѓу израелските сили и Палестинците, во кои израелските сили користеа пластични куршуми и солзавци, јавува Anadolu Agency (AA).
Според изјавите на очевидците, израелските сили утринава, по денешниот оружен напад во местото Офар Јахуди, на Западниот Брег, во кој загинаа двајца Израелци, извршија претреси во повеќе станбени објекти во сопственост на Палестинците, во регионот Ал Бира на влезот во Рамала.
Откако Палестинците искажаа незадоволство поради претресувањето на нивните домови, дојде до судири. Израелските војници, за да ги разбркаат Палестинците, за време на интервенциите користеа пластични куршуми и солзавци, на што тие возвратија со фрлање камења.
Нападот денес се случи неколку часа откако израелските сили убија тројца Палестинци поради наводното учество во нападите на Западниот Брег во кои двајца Израелци се убиени, а девет се повредени.
Напнатоста на палестинските територии, кои се под израелска окупација, порасна минатата година, кога американскиот претседател Доналд Трамп еднострано го призна Ерусалим за главен град на Израел.