свет

Израел го ограничува пристапот до џамијата Ал-Акса на вториот петок од Рамазан

- Илјадници Палестинци се собраа пред зори на воениот контролен пункт Каландија северно од Ерусалим во обид да стигнат до светиот град за молитва

Lina Altawell  | 27.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
Израел го ограничува пристапот до џамијата Ал-Акса на вториот петок од Рамазан Mostafa Alkharouf/AA

РАМАЛА (АА) - Израелската Армија распореди големи сили низ окупираниот Западен Брег денес, особено на контролните пунктови што водат кон Ерусалим, заострувајќи ги ограничувањата за Палестинците кои сакаат да се молат во џамијата Ал-Акса на вториот петок од светиот муслимански месец Рамазан, јавува Анадолу.

Илјадници Палестинци се собраа пред зори на воениот контролен пункт Каландија северно од Ерусалим во обид да стигнат до светиот град за молитва.

Строгите израелски мерки спречија десетици луѓе да влезат, а војниците наведоа дека не ги исполниле однапред поставените услови, додека според верниците биле „вратени назад и покрај тоа што пристигнале рано“.

- Ограничувања од страна на Израел

Израел одобри план на почетокот на Рамазан со кој се ограничува влезот на 10.000 палестински верници за петочните молитви во текот на целиот свет месец, врз основа на безбедносните препораки.

Според планот, Палестинците мора да добијат посебна дневна дозвола за секоја молитва

. Влезот е ограничен на мажи на возраст од 55 години и повеќе, жени на возраст од 50 години и повеќе и деца под 12 години, во придружба на роднина од прв степен.

Израелската Армија соопшти дека сите дозволи бараат претходно безбедносно одобрение

Верниците, исто така, мора да ги завршат процедурите за дигитална верификација на премините кога се враќаат на Западниот Брег.

Али Навас (58) во интервју за Анадолу изјави дека тој и неговата сопруга стигнале до контролниот пункт Каландија, каде што војниците му дозволиле да помине, но не ѝ дозволиле влез на неговата сопруга и покрај тоа што таа имала дозвола.

„Бев принуден да се вратам со неа. Како можеше сама да се врати во Наблус?“

Тој рече дека го напуштил Наблус по утринската молитва и патувал повеќе од еден час, само за да му биде одбиен влезот „во рок од една минута“.

„Молитвата во Ал-Акса е еднаква на 500 молитви“, рече тој, осврнувајќи се на исламското верување дека молитвите во џамијата носат повеќекратна духовна награда.

- Не му е дозволено да се моли во Ал-Акса

65-годишниот Џудат Џарадат од Рамала изјави дека војниците му ја скенирале магнетната дозвола пред да му кажат дека му е забранет влезот без објаснување.

„Имам 65 години, а тие сè уште ме спречуваат да влезам во Ерусалим“, рече тој. „Лишени сме од посета и молитва во Ал-Акса.“

Наџати Овеида, кој допатувал од Хеброн, рече дека војниците го вратиле назад и покрај тоа што покажал дозвола.

„Окупацијата тврди дека обезбедила олеснување, но процедурите се строги“, рече тој.

„Јас само сакам да се молам во Ал-Акса. Зошто ме спречуваат?“

Маријам Рамадан, 54, рече дека и ѝ бил одбиен влезот. „Ми рекоа да си одам и ме обвинија дека лажам“, рече таа.

„Не разбрав зошто ми беше одбиен влезот.“

Таа додаде: „Дојдов да се молам во џамијата Ал-Акса. Тие ги спречија луѓето со дозволи за влез, дури и постарите лица. Тие не сакаат голем број луѓе да влезат на молитва.“

Рамазан секоја година привлекува стотици илјади Палестинци од Западниот Брег во џамијата Ал-Акса, создавајќи празнична атмосфера во Ерусалим додека џамијата се полни со верници, а пазарите се преполни.

Откако војната во Газа започна на 8 октомври 2023 година и траеше две години, израелските власти ги заострија ограничувањата за движење на воените контролни пунктови што водат до Ерусалим.

Во текот на изминатите две години, израелските власти дозволија само ограничен број Палестинци да влезат во градот откако ќе добијат дозволи издадени од Армијата, кои е тешко да се обезбедат.

Палестинците го сметаат Источен Ерусалим за главен град на нивната идна држава, додека Израел го смета градот, вклучувајќи ги неговите источни и западни сектори, за свој главен град.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.