свет

Германскиот Парламент усвои построги правила за барателите на азил

- Мерките беа усвоени со 309 гласа „за“, 260 „против“ и двајца воздржани. Владејачката коалиција на Христијанските демократи и Социјалдемократите го поддржа законот, додека екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) гласаше против

Ayhan Şimşek  | 27.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
Германскиот Парламент усвои построги правила за барателите на азил

БЕРЛИН (АА) - Бундестагот денес изгласа значајни измени на европските правила за азил, со кои се воведуваат построги миграциски контроли и забрзани депортации на одбиените баратели на азил, јавува Анадолу.

Мерките беа усвоени со 309 гласа „за“, 260 „против“ и двајца воздржани. Владејачката коалиција на Христијанските демократи и Социјалдемократите го поддржа законот, додека екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) гласаше против.

Министерот за внатрешни работи, Александер Добриндт, во парламентарната дебата ги бранеше новите правила, нагласувајќи дека Владата ја заострува миграциската политика и испраќа јасна порака, заедно со партнерите од ЕУ, дека Европа го зацврстува својот пристап кон миграцијата.

„Постојат три главни столба во овој систем. Надворешните граници на ЕУ ќе бидат подобро заштитени. Вториот столб, Даблинскиот систем, повторно ќе биде функционален“, изјави тој, осврнувајќи се на регулативата на ЕУ што бара барателите на азил да останат во првата земја членка во која влегле додека се разгледува нивното барање.

„Третиот столб е солидарноста. Нема да ги напуштиме земјите на надворешните граници“, додаде тој, ветувајќи дека сите земји членки ќе го споделат товарот, преку преместување на барателите на азил или со обезбедување финансиски придонеси.

Со законските измени се спроведуваат реформите на системот за азил договорени меѓу земјите членки на Европската Унија во мај 2024 година. Според новите правила, сите новопристигнати баратели на азил ќе поминат низ проверки на идентитет, а барањата од државјани на земји со ниска стапка на одобрување ќе се обработуваат на надворешните граници на ЕУ.

Законот им дозволува на германските сојузни покраини да воспостават центри за секундарна миграција – објекти наменети за сместување на барателите на азил кои влегле во ЕУ преку друга земја членка каде што веќе поднеле барање.

Лицата за кои друга земја од ЕУ има правна надлежност ќе мора да останат во тие центри додека трае постапката.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.