Повеќе од 7.600 мигранти загинале или се водат за исчезнати во 2025 година, соопшти агенцијата на ОН
- ИОМ бара заострување на мерките против шверцерите и проширување на безбедните миграциски патишта
ЖЕНЕВА (АА) - Најмалку 7.667 мигранти загинале или се водат за исчезнати на миграциските рути низ светот во 2025 година, што го нагласува глобалниот обем на кризата со која се соочуваат луѓето во движење, соопшти Агенцијата за миграција на ОН во најновиот извештај, пренесува Анадолу.
„Континуираната загуба на животи на миграциските рути е глобален неуспех кој не смееме да го прифатиме како нормална појава“, изјави вчера во соопштение генералната директорка на Меѓународната организација за миграција (IOM), Ејми Поп.
Иако, бројот е помал од речиси 9.200 жртви регистрирани во 2024 година, падот го одразува помалиот број обиди на опасните рути, особено во Америка, како и празнини во податоците поради ограничениот пристап и недостигот на финансиски средства, соопшти агенцијата.
„ИОМ повикува на разбивање на шверцерските мрежи, проширување на безбедните миграциски патишта и зајакнување на операциите за пребарување и спасување со цел да се спречи понатамошното губење животи.“
Морските премини останаа меѓу најсмртоносните рути, со најмалку 2.185 смртни случаи или исчезнувања во Средоземното Море во 2025 година. Уште 1.214 лица загинаа на атлантската рута кон шпанските Канарски Острови. Вистинскиот број жртви е веројатно поголем, со оглед на тоа што многу бродоломи остануваат непотврдени, соопшти агенцијата.
Алармантен е почетокот и на 2026 година, извести Агенцијата, со евидентирани 606 смртни случаи на мигранти во Медитеранот заклучно со 24 февруари, иако бројот на пристигнувања во Италија нагло опадна.
Во Азија беа забележани повеќе од 3.000 смртни случаи на мигранти, што ја прави оваа година најсмртоносната во регионот трета година по ред, главно поттикнато од Авганистанците кои бегаат од конфликти.
На Источната рута, исто така, е забележан пораст, со евидентирани 922 смртни случаи, во споредба со 558 во 2024 година. Речиси сите кои загинале на оваа рута во 2025 година биле Етиопјани, покажуваат податоците на ИОМ.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
