Трамп вели дека се согласил да одржи разговори со Иран
- „Тие сакаат да разговараат и јас се согласив да разговарам“, изјави Трамп за „Атлантик“, додавајќи дека Техеран требало порано да направи отстапки.
ИСТАНБУЛ (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се согласил да одржи разговори со новото раководство на Иран, додека продолжуваат американско-израелските напади врз земјата, јавува Анадолу.
„Тие сакаат да разговараат и јас се согласив да разговарам“, изјави Трамп за „Атлантик“, додавајќи дека Техеран требало порано да направи отстапки.
„Чекаа предолго“, додаде тој.
Во изјавата за „Ен-би-си њуз“ Трамп посочи дека ирански официјални претставници „разговараат“ со САД, без да открие дополнителни детали.
На прашањето каков резултат очекува од операцијата, американскиот претседател изјави дека постојат „многу добри резултати“, вклучително и „обезглавување“, алудирајќи на иранското раководство.
Тој нагласи дека причината за започнување на нападите била тоа што Иран „не бил подготвен да го запре нуклеарното истражување“ или да се обврзе дека нема да развива нуклеарно оружје.
Во однос на можноста за прекин на нападите за време на разговорите, Трамп не ја исклучи таа опција.
„Би размислил за тоа доколку можат да нè задоволат“, рече тој, додавајќи дека досега „не успеале“.
Во посебно интервју за „Фокс њуз“ Трамп изјави дека 48 ирански лидери биле елиминирани „во еден удар“, нагласувајќи дека операциите напредуваат „брзо“.
За „Си-ен-би-си“ изјави дека воените операции се „пред предвидениот рок“.
Осврнувајќи се на евентуалните последици врз цените на нафтата и можната блокада на Ормутскиот Теснец, клучна глобална поморска маршрута, Трамп рече дека не е загрижен. „Не сум загрижен за ништо. Јас само го правам тоа што е правилно. На крајот, тоа функционира“, изјави тој.
Трамп ги даде овие изјави во време на нападите на Иран. Во заедничката операција на САД и Израел, започната во саботата, според извештаите, убиени се неколку високи ирански функционери, меѓу кои и врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети кон земји од Заливот. Од почетокот на операциите убиени се тројца американски војници, а петмина се тешко ранети, соопшти Централната команда на САД.
