Tevfik Durul
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
СЕУЛ (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој престојува во официјална посета на Јужна Кореја, изјави дека се надева оти против Северна Кореја нема да биде употребена сила, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп престојува во дводневна посета на Јужна Кореја, каде што денес во Сеул се состана со претседателот на таа земја, Мун Џае-ин. На прес-конференцијата по билатералниот состанок меѓу челниците на двете земји и состанокот меѓу делегациите, нагласено е дека главна тема на разговорите било прашањето за Северна Кореја.
„Севернокорејското тестирање на нуклеарните и балистичките ракети претставува закана за целиот свет“, изјави Трамп и додаде дека се надева оти нема да употреби сила против Северна Кореја.
Американскиот претседател нагласи дека администрацијата во Пјонгјанг претставува глобален проблем, и оти во врска со тоа треба да се дејствува токму на тој начин, глобално.
Трамп додаде дека тие се подготвени да ја користат воената опција доколку за тоа има потреба, но нагласи дека верува оти проблемот може да се реши и без тоа.
„Сведоци сме на големо демонстрирање на сила и мислам дека и тие (Северна Кореја) се свесни за тоа. Верувам дека би било логично Северна Кореја да седне на преговарачка маса и да постигне договор. Би било добро, како за Пјонгјанг, така и за народите на целиот свет“, порача Трамп.
Во оваа пригода, Трамп уште еднаш упати повик до целиот свет, првенствено до Кина и Русија, ефективно да ги спроведат одлуките за санкциите што ги донесе Советот за безбедност на ОН.
„Сите светски нации мораат да ги спроведат одлуките на Советот за безбедност на ОН и во потполност да ја запрат трговијата со Северна Кореја. Неприфатливо е земјите да продолжат да вооружуваат и да финансираат еден режим којшто од ден во ден е сѐ поопасен“, порача Трамп.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун истакна дека е неопходно повеќе да се фокусираат на санкциите против Северна Кореја, за прашањето за Корејскиот Полуостров да се реши по мирен пат.
Трамп е првиот американски претседател кој во последните 25 години престојува во официјална посета на Јужна Кореја. Посетата на оваа земја ја започна со воената база Камп Хемфрис, најголемата американска воена база надвор од земјата.