Mahmoud Barakat
08 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
ЕРБИЛ (АА) - Дванаесет лица загинаа, а 30 се повредени во денешниот напад на иранските сили врз камп на Демократската партија на ирански Курдистан (ДПИК), која е активна во подрачјето на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Цел на нападот бил состанокот на водечките членови на иранската опозициска партија во местото Кој Санџак“, изјавија за АА безбедносни извори кои сакаа да останат анонимни.
Заменик-директорот за здравство на местото Ќој-Санџак во областа Ербил, Ширван Џелал, за АА изјави дека во настанот настрадале 12 лица, повеќе од 30 лица се ранети, а меѓу нив има и високи функционери на партијата.
Џелал информираше дека некои од ранетите се во тешка состојба и во болниците продолжува борбата за нивните животи.
- Армијата на револуционерната гарда ги објави снимките од нападот
Иранската државна телевизија којашто ги објави снимките од нападот, информираше дека Армијата на револуционерната гарда извршила ракетен напад врз зградата на седиштето на ДПИК.
Во веста се вели дека Армијата на револуционерната гарда го гранатирала седиштето на ДПИК со 5 проектили земја-земја.
- ДПИК го потврди нападот
Според вестите објавени во локалните медиуми, кампот на ДПИК во Ќој-Санџак е гранатиран за време на состанок. Во вестите се наведува дека меѓу повредените се наоѓа и Мустафа Мевлуди, висок функционер на ДПИК.
Од друга страна, во соопштението на ДПИК се потврдува нападот, истакнувајќи дека има загинати и повредени, но не се наведува нивната бројка.
Во соопштението се вели дека по извидувачкиот лет на беспилотни летала во подрачјето, извршен е интензивен напад врз кампот.
ДПИК која е иранска опозиција, од 1996 година наваму спроведува активности во камповите што се наоѓаат во градот Ербил. Од тој датум наваму, Иран за првпат изведува напад од оваа големина.