свет

Израел мобилизира 100.000 резервисти, најавува проширување на офанзивата надвор од Иран

- Во раните утрински часови денес армијата соопшти дека започнала „офанзивна битка“ против либанската група Хезболах на територијата на Либан.

Lina Altawell  | 02.03.2026 - Обновена : 02.03.2026
 Израел мобилизира 100.000 резервисти, најавува проширување на офанзивата надвор од Иран

ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Израел започна мобилизација на 100.000 резервисти во рамките на подготовките за проширување на тековната офанзива надвор од Иран и Либан, објавија израелските медиуми денес, јавува Анадолу.

Според порталот „Вала“, военото разузнавање започна со повикување резервисти како дел од подготовките за „дополнителни подрачја на операции и проширување на војната“.

Израелската армија во неделата соопшти дека се подготвува да прими околу 100.000 резервисти повикани да ги засилат сите сектори вклучени во операцијата „Рикачки лав“, кодно име на тековната офанзива против Иран.

Во раните утрински часови денес армијата соопшти дека започнала „офанзивна битка“ против либанската група Хезболах на територијата на Либан.

Во израелските воздушни напади се погодени јужните предградија на Бејрут, како и области во Јужен Либан, при што се убиени 31 лице, а 149 се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство.

Хезболах рано утринава соопшти дека испукал ракети и беспилотни летала кон израелска воена база како одговор на речиси секојдневните напади од Тел Авив врз Либан и атентатот врз врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи.

Од саботата изутрина Израел и САД извршија напади врз Иран во кои се убиени стотици луѓе, меѓу кои Хаменеи и високи официјални лица.

Техеран одговори со испукување ракети и беспилотни летала кон Израел и американските бази во неколку земји од Заливот.

Вашингтон и Тел Авив го обвинуваат Техеран дека спроведува нуклеарни и ракетни програми што им се закануваат на Израел и на сојузниците на САД во регионот. Иран вели дека неговата нуклеарна програма е мирољубива и дека не се стреми да произведува нуклеарно оружје.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.