Ekipa
18 Јуни 2017•Ажурирај: 19 Јуни 2017
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, денес изјави дека постојат шанси за „мек“ излез на Велика Британија од Европската Унија, но предупреди дека Лондон нема да може да ги бира условите за излез, пренесува Anadolu Agency (AA).
Преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ започнуваат утре. Пристапот на Велика Британија кон тоа прашање е под знак прашалник, откако премиерката Тереза Меј го изгуби парламентарното мнозинство на изборите кои ги распиша со цел да ја зајакне својата позиција.
„Сега можеби постои шанса да се постигне таканаречен 'мек' Брегзит“, рече Габриел во изјава за весникот „Welt am Sonntag“. Германскиот министер додаде дека доколку сака да остане дел од единственот пазар, Велика Британија мора да прифати слобода на движење на работниците од ЕУ.
Според него, исто така ќе мора да ја прифати и надлежноста на Европскиот суд на правдата, или барем на заедничкиот судот што го сочинуваат Европјаните и Британците, и да ги следи одлуките на Европскиот суд на правдата.
За многу заговорници на Брегзит, овие услови се неприфатливи бидејќи нивната минатогодишна референдумска кампања се фокусираше токму на враќањето на контролата над законите и прашањето за миграцијата.
„Најдобро ќе беше Британија воопшто да не нѐ напушта. Во овој миг не изгледа така, но ние сакаме да оставиме отворена врата за Британците“, рече Габриел и додаде:
„Ќе преговараме чесно. Чесно значи да сакаме да ги задржиме Британците што е можно поблизу до Европската Унија, но никогаш под цена да ги поделиме останатите 27 членки“.