Recep Şakar
23 Април 2019•Ажурирај: 24 Април 2019
МЕЛБУРН (АА) - Југоисточната азиска држава Филипини вчера ја потресе земјотрес со интензитет од 6,1 степен. Во оваа природна катастрофа досега животот го загубија 11 лица, а спасувачките екипи продолжуваат со своите операции за извлекување на уште најмалку 30 лица за кои се смета дека се наоѓаат под урнатините, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави „Филстар“ (Philstar), во вчерашниот земјотрес кој според Американскиот геолошки завод (USGS) бил со интензитет од 6,1 степени, досега животот го загубија 11 лица.
Епицентарот на земјотресот е регистриран на 1 километар северозападно од базата Бодега, на длабочина од 20 километри. Од силниот земјотрес се урнал еден трговски центар од 4 ката во местото Пораџ во провинцијата Пампанга.
Се претпоставува дека под урнатините на трговскиот центар се наоѓаат најмалку 30 лица. Во тек се спасувачки операции со кранови и машини за кршење на бетон.
- Се слушаат гласови под урнатините -
Гувернерката на Пампанга, Лилиа Пинеда, на новинарите им соопшти дека под урнатините на трговскиот центар се слушаат гласови. „Тие [спасувачите] сѐ уште можат да го чујат гласот на најмалку едно лице. Тоа лице се наоѓа под бетонските блокови“, изјави Пинеда.
По земјотресот кој предизвика паника во главниот град Манила, забележани се уште најмалку 52 последователни земјотреси, некои хотели и трговски центри во градот беа евакуирани, а истовремено се запрени метро-линиите.
Филипините се наоѓаат во таканаречениот пацифички Огнен прстен и честопати е место зафатено од земјотреси, вулкани и други природни катастрофи. На 15 октомври 2013 година Филипини ги потресе земјотрес со интензитет од 7,2 степени во кој животот го загубија 144 лица.