Aness Suheil Barghoti
02 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
РАМАЛА (АА) - Израелските сили уапсија палестинска пратеничка во Парламентот во окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (АА).
Халида Џарар, членка на Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP), е уапсена во својот дом во Рамала, истакна нејзината ќерка.
„Најмалку десетина израелски војници влегоа во куќата в зори, ја уапсија мојата мајка и ја одведоа на непозната локација“, кажа Јафа, ќерката на палестинската парламентарка.
Израелската војска тврди дека Џарар е притворена под сомнение дека е вмешана во терористички активности и насилно јавно вознемирување.
„Нејзиното апсење нема никаква врска со членството во Палестинскиот законодавен совет“, соопшти израелската војска.
Од друга страна, Народниот фронт за ослободување на Палестина соопшти дека приведувањето на Џарар го одразува хаосот на израелската окупација.
„Ова апсење е дел од кампањата за поттикнување на израелската влада против Народниот фронт за ослободување на Палестина и движењето на отпорот“.
Џарар во средината на 2016 година беше ослободена од израелски затвор откако таму помина 15 месеци, под обвинение дека извршила дела „против безбедноста“, кои вклучуваат членство во забранетиот Народен фронт, кој Израел го смета за „терористичка“ организација.
Според податоците на палестинските здруженија, Израел во моментов, во 24 затворски центри низ целата земја држи повеќе од 6.500 Палестинци, меѓу кои и жени и деца.