Elvir Hocic
02 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
БЕРЛИН (АА) - Германскиот град Хамбург на 7 и 8 јули ќе биде домаќин на самитот на лидерите Г-20, а како зголемување на безбедносните мерки на улиците во овој град ќе бидат распоредени најмалку 20.000 полицајци, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц, во интервјуто за весникот “Tagesspiegel am Sonntag“ изјави дека сѐ е подготвено за доаѓањето на лидерите на најразвиените земји во светот и дека полицијата ќе им биде гарант за безбедноста.
„Нема да дозволиме никакви демонстрации на насилство или непријателство“, рече Шолц.
Досега градските власти добиja барања за одржување на 20 протести во Хамбург за време на самитот, а најголемиот протестен собир е закажан за 8 јули на кој се очекува да има околу 150.000 демонстранти.
Според полициските предвидувања, се очекува во Хамбург да пристигнат најмалку 8.000 припадници на радикалните левичарски групи.
Во Хамбург веќе се поставени центри за привремен притвор на демонстранти, што чинеа околу 750.000 евра.
На демонстрантите им се забранува кревање на шатор во центарот на градот, но оваа забрана ја ублажи Федералниот Уставен суд на Германија, така што демонстрантите ќе можат слободно да протестираат и да ги промовираат своите политички кампањи, но нема да можат постојано да престојуваат во камповите и да го нарушуваат редот во градот.