Diyar Güldoğan
06 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Русија ќе биде активно вклучена во работата на Самитот Г-20, кој в петок ќе започне во Хамбург, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текстот што Путин го напиша за германското бизнис списание „Handelsblatt“, рускиот лидер истакнува дека Самитот Г-20 е можност за да се разговара за клучни прашања од глобалната агенда.
„Иако е во заднината на растечките геополитички ризици и несигурности, Г-20 не стана помалку ефикасен како алатка на глобалното управување. Руската делегација ќе биде активно вклучена во работата на Самитот Г-20 во Хамбург, за којшто сум сигурен дека ќе биде високопродуктивен“, напиша претседателот на Русија.
Путин ја поздрави одлуката за проширување на дневниот ред на Г-20, што ги вклучува темите одржлив развој, климатски измени, борба против тероризмот и корупција, како и здравствената заштита, миграциите и бегалците.
„Само со заедничкото дејствување и здружување на нашите напори, можеме да ја надминеме моменталната нерамнотежа, да го осигураме одржливиот раст, да развиеме праведна трговија и правила на конкуренцијата, да ја намалиме сиромаштијата и да ги решиме акутните социјални прашања“, нагласи Путин.
Првиот состанок на Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп ќе се случи на маргините на Самитот Г-20 во Хамбург, кој ќе се одржи в петок и сабота, на 7. и 8. јули.