Ahmet Furkan Mercan
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
ФУКУШИМА (АА) - АХМЕТ ФУРКАН МЕРЏАН -
Жителите на Фукушима, кои беа тешко погодени од земјотресот во регионот Тохоку и цунамито што се случија во Јапонија на 11 март 2011 година, очекуваат да се вратат на животот пред катастрофата и да гледаат на иднината со надеж.
На 10-годишнината од земјотресот и цунамито, Кимура, службеник во Меѓународното биро во Гувернерството на Фукушима, во разговорот со Агенција Анадолија (АА) се осврна на враќањето на оние што ја напуштија својата татковина, проектите за рехабилитација и влијанието на коронавирусот во процесот.
Кимура истакна дека со наредбите за евакуација издадени по 11 март 2011 година, повеќе од 160.000 луѓе ја напуштиле областа, а досега околу 130.000 лица се вратиле во своите домови.
Посочувајќи дека 337 квадратни километри во Фукушима, чија површина е приближно 13.800 квадратни километри, е „зона за забрана за влез“, Кимура рече дека заклучно со јули 2020 година, 37.814 лица се регистрирани дека живеат во услови на евакуација.
Според Кимура, државата Фукушима има вкупно население од 1.827.000.
Меѓу другото, Кимура наведе дека како Гувернерство, во рамките на активностите за реконструкција низ државата, се реализираат проекти како што се развој на земјоделството, сточарството, риболовот, отворање здравствени центри, прочистување на почвата и рехабилитација на населението.
- „Катастрофата не е завршена, штетата е голема“ -
Осврнувајќи се на процесот на деактивирање на реакторите во рамките на централата, Кимура истакна дека очекуваат Централната влада и операторот на Нуклеарната централа „Токио електрик пауер“ (TEPCO)“ да преземат поголема одговорност.
Истакнувајќи дека деактивирањето на реакторите не се одвива како што е планирано, Кимура рече:
„Потребно е итно да се постапи во однос на ова прашање. Како што знаете сите, поминаа 10 години од несреќата, но процесот не напредува. Заборавени се плановите од пред 10 години. Катастрофата не е завршена, штетата е голема. Претстои долг пат за ТЕПКО да ги деактивира реакторите. TEПКО не го направи тоа што требаше. Со појавата на епидемијата на Ковид-19, развојот на Фукушима беше ставен во втор план. Постојат и дезинформации за Фукушима. Потребно е многу работа за изградба на префектурата.“
- „Сакаме Фукушима да биде современо место“ -
Нагласувајќи дека Гувернерството на Фукушима и народот на државата имаат „консензус“ во однос на ова прашање, Кимура рече:
„Сакаме да бидат исполнети ветувањата за брзо враќање на состојбата во префектурата Фукушима како што беше пред катастрофата. Не само тоа, сакаме нови индустриски области и иновации. Бараме иднина, односно Фукушима да биде современо место за живеење. Сакаме светските медиуми да го објават ова наше барање.“
Повикувајќи да се инвестира во обновлива и ветерна енергија, Кимура нагласи: „Работиме да ја направиме Фукушима да биде подобра префектура. Сакаме на иднината да гледаме со надеж. Бараме државата и TEПКО да ја исполнат својата одговорност.“