Behlül Çetinkaya,Muhammet Tarhan
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
ДОХА / АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција ќе продолжи да го штити територијалниот интегритет на Сирија, да ги штити цивилите и да војува против терористичките организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се обрати на заедничката прес-конференција по трилатералниот состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Катар, кој се одржа во катарскиот главен град Доха.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека на состанокот разговарале за состојбата во Сирија.
Тој истакна дека се осврнале и на борбата против терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ЈПГ.
Чавушоглу рече дека терористичката организација ПКК/ЈПГ продолжува со нападите во северниот дел на Сирија.
„ПКК/ЈПГ продолжува да ги таргетира цивилите во северниот дел на Сирија, и продолжува со извршување на воени злосторства. Во последните два месеци загинаа над 25 невини лица како резултат на терористичките напади во Сирија“, истакна турскиот министер за надворешни работи.
„Турција ќе продолжи да го штити територијалниот интегритет на Сирија, да ги штити цивилите и да војува против терористичките организации“, додаде Чавушоглу.
- Лавров: „Русија, Турција и Катар се согласија за водење борба против сепаратистичките иницијативи во Сирија“
Лавров се обрати на заедничката прес-конференција по трилатералниот состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Катар, кој се одржа во катарскиот главен град Доха.
Рускиот министер нагласи дека за првпат на ниво на министри за надворешни работи на Русија, Турција и Катар се состанале во врска со сириското прашање.

Според него, на состанокот нагласиле оти ова прашање треба да се реши преку политички пат во рамки на Резолуцијата 2.254 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
Лавров рече дека имаат заеднички став во насока на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија, укажувајќи на важноста за осигурување хуманитарна помош за Сиријците.
Тој истакна дека во рамки на состанокот потпишале заедничка декларација, во која, како што рече, се истакнати целите на Русија, Турција и Катар во врска со Сирија.
„Русија, Турција и Катар се согласија за водење борба против тероризмот и против сепаратистичките иницијативи кои се закана за територијалниот интегритет на Сирија, како и за безбедноста на соседните земји“, рече тој.
Лавров нагласи дека во декларацијата укажале на важноста на Уставниот комитет на Сирија, додавајќи дека се подготвени да го поддржат овој комитет.
Шефот на руската дипломатија истакна дека Русија, Турција и Катар ќе поднесат иницијатива за осигурување на безбедното враќање на сириските бегалци во Сирија.
„Нагласивме дека сме заинтересирани за поддржување на иницијативите во врска со зајакнувањето на довербата помеѓу страните во Сирија“, додаде тој.
Лавров истакна дека и во иднина ќе одржат средби, при што рече: „Нашите заеднички трилатерални контакти ќе бидат дополнително корисни за Форматот на Астана.“
Министерот за надворешни работи на Русија нагласи дека ја поздравуваат желбата на Катар за давање придонес во решавање на сириското прашање.
- Ал Тани: „Не е потребно да сме воено присутни во Сирија“
Катарскиот министер за надворешни работи Ал Тани на заедничката прес-конференција што се одржа во Катар со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, истакна дека разговарале за сириското досие и хуманитарната состојба на тие простори.
Укажувајќи дека на трилатералната средба со Чавушоглу и Лавров го нагласиле територијалниот интегритет на Сирија, Ал Тани изрази дека го поддржуваат решавањето на кризата без употреба на воени методи.

На новинарско прашање, „Зошто Катар нема воена база во Сирија?“, Ал Тани одговори: „Не ни е потребно да сме воено присутни во Сирија. Ние го поддржуваме единството на арапските земји. Сирија е арапска земја.“
Катарскиот министер повтори дека го поддржуваат безбедното и доброволното враќање на сириските бегалци во нивните домови и преговорите што ги спроведува Уставниот работен комитет на Сирија.
- Хуманитарната криза во Сирија се влошува
Посочувајќи дека хуманитарната состојба во Сирија е лоша поради тековната војна во Сирија и дека таа е влошена уште повеќе со епидемијата (Ковид-19), Ал Сани рече: „На состанокот разговаравме и за иницијативата за доставување хуманитарна помош до сите области на Сирија.“
Во овој контекст, Ал Тани наведе дека поради кризата во која се наоѓа, сирискиот народ поминува низ тежок процес, кој под итно треба да се олесни.
Осврнувајќи се на прашањето за членство во Сирија во Арапската лига, катарскиот министер Ал Тани рече: „Причините за суспензија на членството на Сирија во Арапската унија сѐ уште се валидни.“
Ал Тани истакна дека покрај за сириското прашање, разговарале и за регионални прашања, при што се осврнале на најновата состојба во Заливот, Либија и Авганистан, по Самитот во градот Ал Ула во Саудиска Арабија.