Ali Makram Ghareeb
30 Мај 2022•Ажурирај: 31 Мај 2022
МОСУЛ (АА)
- Али Макрам ГАРИБ
Жени деминерки во Ирак доброволно неутрализираа повеќе од 1.000 експлозивни направи поставени и оставени од терористичката организација ДЕАШ во Мосул, Ирак, пишува Агенција Анадолија (АА).
Тим од шест Ирачанки веќе три години работи на деминирање на теренот и на тој начин ги спасува животите на цивилите во областа исчистена од терористите на ДЕАШ.
Ова е првиот женски тим за деминирање формиран во Мосул.
Тие беа обучени од швајцарска организација за деминирање.

По добиени дозволи пред три години, започнале да работат на отстранување на експлозивни направи во и околу Мосул.
Хавла Ибрахим, членка на тимот за деминирање, за АА изјави дека тимот е формиран за да се спречи смртта на луѓето од мините што ги поставила терористичката организација ДЕАШ во руралните средини.
Таа потсети дека ДЕАШ, која ја имала контролата врз регионот во периодот од 2014 до 2017 година, поставила голем број мини и бомби за да ги спречи луѓето да бегаат, а безбедносните сили да напредуваат за време на конфликтот.
Хавла изјавила дека терористите на ДЕАШ убиле голем број нејзини роднини, а некои од нив загинале од експлозивните направи.
Таа инфорираше дека тимот го сочинуваат жени кои изгубиле голем број роднини и членови на семејството.
Хавла изјави дека работат во 377 окрузи, населби, села и рурални области на Мосул и додаде дека нивната работа не е лесна и носи голем ризик.
„Со оваа напорна работа сакаме да докажеме дека жените можат да се справат со овие опасни задачи исто како и мажите. Ниту една работа веќе не е само за мажи. Благодарение на оваа ризична работа, ние спасуваме стотици животи“, рече Хавла.
Таа нагласи дека во изминатите три години се деминирани повеќе од 1.000 мини и бомби во околината на Мосул.

Хавла истакна дека целта им е да спасат што повеќе животи.
Таа наведе дека од ден во ден, од последици предизвикани од експлозивни направи умираат се поголем број луѓе.
„Според ирачкото Министерство за животна средина, минатата година 52 лица загинале како последица на експлозија на мина во регионите од кои се повлекле членовите на терористичката организација ДЕАШ. Според УНИЦЕФ, 519 ирачки деца загинале како резултат на војната во последните пет години.“ рече Хавла.

Таа наведе дека земјоделците во регионот не можеле да ги користат своите полиња поради опасност од мини.
Есма Халил, уште една членка на тимот на деминерки, рече дека од експлозија на нагазна мина и загинал братот, кој бил во ирачката војска.
„Со уништување на секоја мина, во мене стивнува болката за брат ми“, изјави Халил.