Ekip
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија (ЕК) денеска го претстави новиот пакет за олеснување на легалната миграција, предлагајќи, меѓу другото, поедноставување на правилата за престој и работни дозволи за квалификувани работници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Справувањето со миграцијата не е само за гранични проверки, процедури за азил и враќање, туку и за нудење легални патишта за оние кои можат да дојдат да живеат и да работат со нас“, изјави на прес-конференцијата, Маргаритис Шинас, потпретседател на Европската комисија.
Тој нагласи дека новиот сет предлози од извршното тело на Европската Унија (ЕУ) е добитна комбинација за Унијата, која се соочува со „голем недостиг“ на квалификувана работна сила, како и за оние луѓе кои „сакаат да мигрираат за подобри можности и услови за живот“.
„Не можеме да се справиме без работната миграција“, рече Шинас, додавајќи дека овозможувањето легална миграција е исто така начин за борба против криминалните мрежи на шверцерите на луѓе.
Пакетот содржи законски измени кои ќе им овозможат на апликантите да аплицираат за комбинирана дозвола за престој и работа наместо две посебни процедури.
Нацртот, исто така, ќе дозволи поднесување на барања како од земјите од ЕУ, така и од земјите надвор од блокот.
Европската комисија, исто така, има за цел да создаде платформа наречена „EU Talent Pool“, која ќе овозможи поврзување на земјите од ЕУ со баратели на работа од земји кои не се членки на Унијата.
Експериментот би започнал во лето со учество на украински бегалци.
ЕУ, исто така, ќе лансира програми кои ги здружуваат здравствените работници, младите професионалци и иновативните старт-ап компании.
Нацртите допрва треба да бидат одобрени од Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ.