Ekip
03 Декември 2022•Ажурирај: 05 Декември 2022
РАМАЛА (АА) - Европската Унија (ЕУ) повика на спроведување истрага за убивањето на палестински цивили од страна на израелската војска во окупираниот Западен Брег, известува Агенција Анадолија (АА).
На социјалната мрежа Твитер, ЕУ објави дека израелските сили користеле прекумерна „смртоносна сила“, наведувајќи дека убиле 10 Палестинци во последните 72 часа.
Изразена е загриженост поради сè поголемото насилство на окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и источен Ел Кудс (Ерусалим).
ЕУ соопшти дека 2022 година е најсмртоносна година од 2006 година со убиени 140 Палестинци од страна на израелските сили на окупираниот Западен Брег и источен Ел Кудс.
„Според меѓународното право, употребата на смртоносна сила е стриктно ограничена на ситуации во кои постои сериозна и непосредна закана по животот и телото. Цивилните жртви мора да се истражат“, се додава во објавата на ЕУ.
Во петокот на социјалните мрежи е објавена видеоснимка на која се гледа израелски војник во градот Хувара, јужно од Наблус, како ранува со огнено оружје Палестинец кој се обидува да избега и го остава тешко повреден. Палестинецот подоцна е прогласен за мртов.
Тензиите низ Западниот Брег се во пораст во последните недели поради израелските рации во кои израелската војска е во „потрага по барани Палестинци“ или во акции за рушење на палестинските домови. Акциите на израелските сили предизвикаа судири со Палестинците.