Islam Uddin
03 Декември 2022•Ажурирај: 05 Декември 2022
АНКАРА (АА) - По негодувањата на јавноста и неодамнешните протести, кинеските власти од денес ги ублажуваат мерките воведени поради спречувањето на ширењето на Ковид-19 во неколку големи градови, известува Агенција Анадолија (АА).
„Во неколку големи градови, вклучувајќи го и главниот град Пекинг и Тјенцин на северниот брег, се укинува обврската посетителите да покажуваат негативен тест за Ковид-19 пред влез во кој било трговски центар или јавно место“, објави дневниот весник „Глобал тајмс“.
Жителите на Пекинг од понеделник нема да бидат принудени да потврдат дека се негативни на коронавирус за да ги користат автобусите или подземните железници.
Големиот трговски центар во главниот град повторно е отворен во текот на викендот откако беше затворен подолго од една недела.
„Глобал тајмс“ објави дека и други градови, како што се Ченгду и Гуангџоу на југот од Кина и Ѓинџоу во покраината Љаонинг, ублажија некои од мерките.
Минатата недела во повеќе градови се одржаа масовни протести против строгите политики во борбата против пандемијата.
Протестите избија откако 10 лица загинаа во пожар во станбена зграда во Урумќи, во западниот регион Синѓанг, што наводно била под изолација поради коронавирус.
Многумина тврдеа дека мерките воведени против коронавирусот ја отежнале ситуацијата бидејќи било потребно три часа пожарот да се изгасне.
Власти ги негираа тие тврдења, наведувајќи дека зградата не била блокирана и дека на станарите им било дозволено да излезат.
Во Кина, со популација од над 1,4 милијарди луѓе, досега се потврдени 331.952 случаи на Ковид-19, од кои животот го загубија 5.233 заразени.