Gökhan Ergöçün
09 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Турските научници во развојот на вакцината за новиот вид коронавирус дојдоа до екперименталната фаза кај животни, соопшти турскиот министер за технологија и индустрија, Мустафа Варанк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Три универзитети дојдоа до експерименталната фаза на животни за изнаоѓање рекомбинантна вакцина, а еден од универзитетите дури започна со испитувањата“, изјави Варанк во своето гостување во телевизиска емисија.
„Поддржавме 17 проекти за вакцини и лекови за третирање на Ковид-19, а осум се проекти за развој на вакцини“, рече тој.
„По експериментите на животни, треба да започнат клиничките студии. Ние ги поддржуваме студиите што можат да влезат во клиничка фаза на истражување до крајот на годината“, додаде Варанк.
Истакнувајќи дека Светската здравствена организација (СЗО) има за цел да создаде фонд од 7,5 милијарди евра за поддршка на напорите за изнаоѓање вакцина, Варанк рече дека овој проект треба да биде отворен за целиот свет, бидејќи целото човештво треба да има бенефит од тоа.
Во врска со медицинските вентилатори од домашно производство, Варанк истакна дека процесот за нивно производство продолжува, без никакви проблеми.
Во услови на пандемијата, многу земји се соочија со недостиг на медицинска опрема и механички вентилатори, кои се клучни за третирањето на Ковид-19.
Турција започна проект и успеа да реализира сериско производство на медицински механички вентилатори само за две недели.
Варанк изјави дека Турција ги произведува овие апарати и за други земји.
Откако за првпат се појави во Кина минатиот декември, вирусот се прошири во најмалку 187 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони во светот.
Пандемијата ги зеде животите на 274.000 лица низ светот, повеќе од 4 милиони се заразени, додека битката со вирусот ја добија 1,3 милиони луѓе во светот.
Во Турција со Ковид-19 заразени се 135.569 лица, починаа 3.689 лица, додека речиси 86.400 го победија вирусот.