Erbil Başay
09 Мај 2020•Ажурирај: 09 Мај 2020
БЕРЛИН (АА) – Во рамките на олабавувањето на мерките против новиот вид коронавирус, Ковид-19, во Германија џамиите повторно се отворени за богослужба на верниците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на преземените мерки за да се спречи ширењето на епидемијата на Ковид-19 во земјата, џамиите, кои беа затворени за богослужба околу два месеца, со денешната утринска молитва беа отворени за верниците.
Во џамиите беше спроведена регулативата за мерките против Ковид-19, подготвена од Германскиот координативен совет (KRM), кој е формиран од најголемите муслимански здруженија.
Во тие рамки, во џамијата „Мевлана“ во населбата Кројцберг, во главниот град Берлин, муслиманите по речиси 8 недели ја извршија првата утринска молитва.
Верниците пред да влезат во џамијата ги дадоа своите лични податоци, потоа ги дезинфицираа рацете, а при клањањето на намазот го практикуваа правилото за социјално растојание од 1,5 метри и носеа маски.
По молитвата, внатрешноста на џамијата беше дезинфицирана од страна на службениците.
Хусеин Текканат, имамот на џамијата „Мевлана“, во изјавата за дописникот на АА истакна дека е многу среќен што денес по долго и тешко време повторно заеднички извршуваат молитва со верниците.
„Секако и покрај овие услови, тоа е големо задоволство. Посакувам Господ да ни овозможи повторно да клањаме по претходниот начин“, нагласи Текканат.
- „Ни недостасуваше молитвата заедно со верниците“ -
Абдулкадир Актурк, кој дошол да ја изврши утринската молитва во џамијата, истакна дека е многу среќен што повторно е отворена џамијата.
„Ни недостасуваше заедничката молитва, тука се видовме и со нашиот имам. Под овие услови е тешко, но сепак благодарни сме и за ова“, рече Абдулкадир.
Во врска со мерките за Ковид-19, Абдулкадир истакна: „Секако не сме навикнати. Претходно, имамот ни велеше при намазот да го стеснуваме редот. Но сега мора да сме оддалечени. Тоа е малку поразлично за нас. Но, благодарни сме и за ова. Мора да се навикнеме и на маските.“
Во Германија, како дел од мерките против Ковид-19, џамиите беа затворени за богослужба од средината на март.
Во рамките на олабавувањето на мерките против новиот вид коронавирус, Ковид-19, во Германија, од денес, 9 мај, џамиите се повторно отворени за богослужба.
Според подготвената регулатива, заедничката богослужба е дозволена со максимум 50 луѓе.