Necva Taştan
28 Мај 2024•Ажурирај: 31 Мај 2024
БРИСЕЛ (АА) – Советот на Европската Унија денес соопшти дека ќе свика состанок на Советот за асоцијација ЕУ-Израел за да се разгледа дали Израел, како член на главното тело што ги надгледува односите меѓу Брисел и Тел Авив, ги исполнил своите обврски од областа на човекови права, јавува Анадолу.
„Со Жосеп Борел и Советот на ЕУ решивме да го свикаме Советот за асоцијација ЕУ-Израел за да ја оцениме усогласеноста со Договорот за асоцијација кој содржи обврски за почитување на човековите права. Ова е силен сигнал“, изјави белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лахбиб на социјалната мрежа Х.
Соопштението е објавено по неделниот израелски воздушен напад врз шаторите во кои се сместени раселените Палестинци во Рафа на југот на Појасот Газа, што светската заедница го нарече безмилосна и намерна геноцидна акција.
Убиени се најмалку 45 лица, претежно жени и деца, а околу 250 се повредени во израелскиот напад врз камп за раселени лица во Рафа.
„Мора да се погрижиме нашите правила и вредности да се почитуваат од сите, пред сѐ, од нашите партнери, како Израел. Нашиот кредибилитет зависи од тоа“, рече министерката Лахбиб.
Договорот за асоцијација ЕУ-Израел беше потпишан во 2000 година ѝ служи како основа за билатералните односи ЕУ-Израел, поттикнувајќи политички дијалог, економска соработка и културна размена. Исто така, тој вклучува и експлицитни одредби во врска со заштитата на човековите права и демократските принципи.