Tufan Aktaş
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
АДИС АБЕБА
Народот на Етиопија се мобилизираше за кампањата „Засади 200 милиони дрвја за еден ден“, која се одвива низ целата земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кампањата организирана од државните институции и со голема поддршка од јавноста има за цел да го сруши светскиот рекорд на екипа која има засадено најмногу дрвја во текот на еден ден.
Етиопискиот министер за наука и технологија, Гетахун Мекурија, во соопштението пренесено преку социјалните медиуми истакна дека во рамките на кампањата, до пладне се засадени 140 милиони садници.
Учествувајќи во кампањата во јужната провинција Арба Минч, премиерот Абиј Ахмед го повика народот да излезе на улица и да насади садници.
Абиј Рореза, локален жител, во изјавата за дописникот на АА рече: „Оваа кампања ја поддржувам целосно. Ова е нашиот живот и ова е нашата земја“.
Рореса, истакнувајќи дека луѓето денеска се обединети со една цел, нагласи: „На идните генерации мораме да им оставиме зелена животна средина.“
- И Турција даде поддршка
Исто така и вработените во Амбасадата на Турција во Адис Абеба, поддржувајќи ја кампањата, засадија садници во градината на Амбасадата.
Потсекретарот на Амбасадата, Еврен Мудерисоглу, истакнувајќи дека се многу среќни поради поддржувањето на кампањата, рече дека ова е од голема важност за идните генерации.
Според проектот „Зелено наследство“ инициран од Владата во мај, планирано е оваа година во земјата да бидат засадени 4 милијарди садници.
Истражувањата покажуваат дека на почетокот на 19 век шумите изнесувале 35 проценти од вкупната површина на Етиопија, но за жал оваа стапка денес е опадната на 10 отсто.
Во Индија, во 2016 година, за период од 24 часа со учество на околу 800.000 луѓе беа засадени повеќе од 50 милиони садници.