Hatice Şenses Kurukız,Sefa Mutlu,Kaan Bozdoğan,Berk Özkan
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во заедничката изјава на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин, се упатува апел до сите страни во Либија за примирје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката изјава на претседателите на Турција и Русија се наведува дека гасоводот „Турски тек“ е конкретен пример за билатералните односи од кои двете земји имаат обострана корист.
Во изјавата се вели дека оваа соработка, покрај тоа што им служи на заедничките интереси на народите, придонесува и во решавањето на регионалните прашања, при што двајцата лидери изразија задоволство од тоа.
„Длабоко сме загрижени од зголемените тензии меѓу САД и Иран и од негативните рефлексии во Ирак. Сметаме дека воздушната операција на САД реализирана на 3 јануари 2020 година, со која беа таргетирани командантот на силите на Ерусалим при Иранската револуционерна гарда, Касим Сулејмани, и лицата кои биле со него, негативно влијае врз безбедноста и стабилноста во регионот“, се истакнува во оваа изјава.
Понатаму, во неа се укажува на ракетниот напад на Иран врз коалициските сили во Ирак реализиран на 8 јануари 2020 година, и се вели дека меѓусебните напади и користењето моќ не придонесуваат во наоѓање решение за сложените прашања на Средниот Исток, туку спротивно, ќе предизвикаат нова јамка на нестабилност и ќе им наштетат на интересите на сите страни.
„Секогаш бевме против надворешните интервенции, едностраните воени чекори и секташките конфликти. Во оваа насока укажуваме на нашата посветеност кон намалувањето на тензиите во регионот и упатуваме апел до сите страни да дејствуваат со трезвеност и здрав разум, и дипломатијата да ја имаат како приоритет“, се додава во оваа изјава.
- Сирија
„Ја потврдуваме нашата посветеност кон зачувувањето на сувереноста, независноста, политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија“, се вели во точката во врска со Сирија, во која се потврдува одлучноста за водење борба против секаков вид тероризам.
„Потребно е да се постигне спокојство во зоната за деескалација во Идлиб, како и спроведување на сите елементи од сите договори во врска со Идлиб“, се истакнува во изјавата на двајцата претседатели.
Во заедничката изјава се вели дека настаните во Либија која долго време е погодена од војната, се следат со голема загриженост, дека влошената состојба во Либија ја тресе безбедноста и стабилноста на целиот регион на Медитеранот, како и во Африка, и поттикнува поголемо распространување на оружјето и на други кривични дела како тероризам и илегално шверцување.
„Ја повторуваме нашата силна посветеност кон сувереноста, независноста, територијалниот интегритет и националното единство на Либија“, се нагласува во изјавата, во која се истакнува дека постојаниот мир и стабилност во земјата може да се постигне само преку еден политички процес, врз основа на искрен и сеопфатен дијалог меѓу Либијците, и под водство на Либијците.
Според изјавата, барање воено решение за конфликтите во Либија само ќе ја продлабочи поделбата меѓу Либијците. Се нагласува дека веднаш треба да се постигне примирје.
Во изјавата на двајцата претседатели во врска со ова прашање се упатува следниот апел:
„Во овие рамки, како посредници упатуваме апел до сите страни во Либија за состанување на преговарачка маса, со цел прекинување на конфликтите, заклучно со 00:00 часот на 12 јануари, прогласување одржливо примирје поддржано со потребни мерки за нормализирање на секојдневниот живот во Триполи и во другите градови, како и за постигнување стабилност на терен, ставање крај на болката на либискиот народ и повторно воспоставување мир и спокојство во земјата.“