Gamze Türkoğlu Oğuz
25 Јули 2018•Ажурирај: 25 Јули 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Најмалку 31 лице загина, а 30 се ранети во самоубиствениот бомбашки напад што утринава се случи пред гласачко место во југозападниот дел на Пакистан, каде што денес се одржуваат парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Бомбашот самоубиец го активирал експлозивот на себе пред гласачко место во Куета, седиштето на покраината Белуџистан.
Локалните медиуми јавуваат дека припадниците на безбедносните сили го спречиле бомбашот во намерата да влезе на гласачкото место, а тој потоа го активирал експлозивот на себе.
Експлозијата се случила покрај долга колона избирачи кои чекале ред за да гласаат.
Шефот на полицијата на Куета, Абдул Разак Шима, на новинарите им соопшти дека меѓу загинатите се наоѓаат 5 полициски службеници и две деца. Постои загриженост дека бројот на мртви би можел да биде зголемен, бидејќи меѓу ранетите се наоѓаат и лица што се во тешка состојба.
Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација ДЕАШ.
Уште една експлозија се случи утринава на гласачко место во јужната покраина Синд, родното место на убиената поранешна премиерка на Пакистан, Беназир Буто. Во тој напад се ранети најмалку четири лица.
Изворите од повеќе пакистански градови јавуваат дека дошло до судири меѓу активистите на политичките партии.