АНКАРА (АА) - „Популарната апликација „Фејсап“ („FaceApp“), преку која корисниците можат да видат како би изгледале во иднина, предизвика голема загриженост за безбедноста“, велат експертите, јавува Anadolu Agency (AA).
Развиена од руската компанија „Wireless Lab“ во 2017 година, апликацијата „Фејсап“ („FaceApp“) користи алгоритам за вештачка интелигенција за генерирање на високо реалистични трансформации на лицата од фотографиите.
Апликацијата стана вирална на социјалните медиуми, овозможувајќи им на луѓето да изгледаат помлади, постари или дури да го променат својот пол.
„Кога ќе ја симнете апликацијата, таа има пристап до вашите приватни податоци, фотогалерија, имејл-адреса, именик, па дури и вашата банкарска сметка“, предупреди Али Бурак Дариџили, политички научник на Техничкиот универзитет во Бурса во северозападна Турција.
„Со инсталирање на апликацијата, вие им дозволувате на другите да навлезат во вашиот личен простор“, рече тој.
Дариџили, кој е автор на „Компаративна анализа на стратегиите на американската и руската кибербезбедност“, рече дека е потребно истражување за да се дознае зошто апликацијата одеднаш станала популарна.
„Можеби не претставува прашање на загриженост за обичните граѓани, но ако сте висок државен службеник или инженер, може да се открие вашата мотивација, слабост или сексуална ориентација“, рече Дариџили.
„Таквите луѓе можат да бидат уценувани, па дури и принудени да станат шпиони“, изјави тој.
Тој беше скептичен во врска со тоа дали податоците на корисниците би можеле да бидат запленети од страна на руската разузнавачка служба.
„САД се едни од земјите што се загрижени поради „Фејсап“, бидејќи ја сметаат Русија за најсилна закана за разузнавањето“, рече Дариџили.
Тој изјави дека САД сериозно го сфаќаат ова прашање, бидејќи е тешко да се открие руската шпионажа, која може да се насочи кон американската национална безбедност, индустриска технологија или истражувачки и развојни активности.
Што се однесува до индивидуалните корисници, тој нагласи: „Избегнувањето такви апликации е идеален начин да се заштитите. Можете барем да ја избришете апликацијата, откако сте ја користеле“.
- Алатка за виртуелна кражба -
„Апликациите за стареење, кои имаат ефект на снежна топка, неодамна станаа едни од најпопуларните“, изјави Дениз Унај, специјалист за социјални медиуми во Истанбул, додавајќи дека Турција е една од земјите во кои најмногу ја симнуваат ваквата апликација.
Зборувајќи во врска со ризиците од ваквите апликации, тој изјави дека е тешко да се предвди како овие податоци ќе бидат искористени во иднина, а еден начин за користење на овие приватни податоци може да се смета за виртуелна кражба.
„Јасно е дека оваа апликација краде податоци. Треба да запомните дека може да преземе секаков вид податоци“, изјави тој, повикувајќи ги корисниците да избегнуваат да инсталираат ваков вид апликации.
„Ако претпоставиме дека во иднина ќе се користи препознавање на лицето од страна на неколку приватни компании, вклучувајќи ги и банките, тоа може да доведе до големи проблеми откако податоците ќе бидат зачувани од некој друг“, предупреди тој.
Унај, исто така, нагласи дека се можни некои бенефити од оваа апликација, велејќи дека таа може да се користи за да се лоцираат некои криминалци бидејќи нивните карактеристики на лицето можат да бидат сочувани во архивата на апликацијата.
„Криминалец, кој ја користел апликацијата „Фејсап“, во Кина беше пронајден и фатен меѓу 50.000 луѓе во сала за концерт, благодарение на системот за препознавање на лицето“, изјави тој.
Насер С. ал Азвани, шеф на системите за безбедност и администрација на Универзитетот „Султан Кабус“ во Оман, изјави дека апликациите за стареење како „Фејсап“ станале популарни со развојот на таквата технологија.
„Луѓето се полни со љубопитност за да ја испробаат апликацијата, без да размислат за својата приватност и за можните последици“, рече Ал Азвани, кој ја проучува кибербезбедноста во Лондонскиот универзитет „Сити“.
„Согласувајќи се со условите на политиката за приватност на апликацијата, корисниците се согласуваат апликацијата да ги споделува нивните информации, вклучувајќи ги и личните, со други компании“, рече Ал Азвани.
Тој додаде дека луѓето немаат доволно техничко знаење за тоа како овие апликации обработуваат слики и ги складираат информациите.