Zehra Ulucak
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Егзекутирани се уште 6 припадници на култот Аум Шинрикјо, кои во 1995 година во токиското метро изведоа напад со гас сарин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави агенцијата „Кјодо“, министерот за правда на Јапонија, Јоко Камикава, соопштува дека по внимателна и повеќекратна проценка, издадена е наредба за егзекуција.
„Незамислив е стравот и болката на ранетите и оние што ги загубија своите најблиски во нападот“, истакнува министерот Камикава.
Припадниците на Аум Шинрикјо на 20 март 1995 година во токиското метро пуштија гас сарин. Во нападот животот го загубија 13 лица, а 6.000 беа затруени.
Шоко Асахара, лидерот на Аум Шинрикјо, е фатен во мај 1995 година, а во 2004 година е осуден на смртна казна според 13 обвиненија. На 6 јули се егзекутирани лидерот на Аум Шинрикјо, чие вистинско име е Чизуо Матсумото, (63) и 6-мина припадници кои се основачи на култот.
- Аум Шинрикјо -
Култот Аум Шинрикјо во 1989 година во Јапонија е прифатен како верска организација, по што започнува да добива поддржувачи низ целиот свет. Со време Аум Шинрикјо се трансформира во култ за крај на светот, спроведувајќи активности во кои тврди дека светот ќе биде уништен во глобална војна и само припадниците на култот ќе се спасат.
Култот кој има десетици илјади следбеници низ целиот свет, од страна на голем број земји е ставен на листата на терористички организации.