Barry Ellsworth
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
ТРЕНТОН (АА) - Канада и Мексико ги одбија одвоените трговски договори со Соединетите Американски Држави (САД), велејќи дека секое повторно преговарање за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA), мора да биде трилатерален договор, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот меѓу канадските официјални претставници и нивните колеги од Мексико кој се одржа во Мексико Сити, двете земји, исто така, го одбија и административниот повик на Трамп за клаузулата за временски период на договорот, која би гласела „отворање повторни преговори на секои пет години“.
Од двете земји се вели дека таквата клаузула би ги „убила“ инвестициите.
„Никој нема да инвестира ниту еден канадски долар, мексикански пезос, (американски) долар во индустрија што нема долгорочна сигурност“, рече мексиканскиот министер за економија, Илдефонсо Гуахардо на прес-конференцијата по состанокот.
Мексиканските претставници денес ќе заминат во Вашинтгон да се состанат и дискутираат за НАФТА со американските официјални претставници.
Но Мексико останува цврст при ставот дека мора да постои трилатерален договор НАФТА кој не е ограничен на одреден период.
„Фактот што одиме во Вашингтон да учествуваме во билатералните разговори е да го зајакнеме концептот на трилатералноста на овој договор“, изјави Гуахардо на прес-конференцијата, на која присуствуваше и канадската министерка за надворешни работи, Кристија Фриланд.
Фриланд се состана со новоизбраниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопес Обрадор, по што е кажано дека новата администрација која дојде на власт по националните избори во Мексико, исто така, како и Канада, го поддржува трилатералниот договор и одбивањето на клаузулата предложена од Трамп.
Канадската министерка за надворешни работи го оцени состанокот како позитивен и истакна дека и двете земја се согласиле за ставот во врска со Договорот НАФТА.
„Канада многу верува во НАФТА како трилатерален договор. Тој постои речиси четвртина век“, рече Фриланд.
„Тоа им овозможи на земјите да ги интегрираат синџирите за трговија и набавка од кои имаа корист сите три земји“, изјави Фриланд.
Официјалните претставници на сите три земји рекоа дека сакаат да ги забрзаат преговорите, кои патем беа закочени поради инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Америка нема доволно корист од договорот и сака подобар договор.