Sena Güler
26 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека меѓу терористичките организации не постои разлика и дека сите тие се заеднички непријател на целото човештво, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Јужноафриканската Република, Ердоган присуствуваше на свеченото отворање на новата зграда на Турската амбасада во Преторија, и во таа пригода истакна дека за одлучноста на Турција да ги зајакнува односите со африканските земји, најдобро зборува тоа што бројот на турските амбасади во Африка, од доаѓањето на власт на Партијата за правда и развој (AK Parti) во Турција, е зголемен од 12 на 41.
„Несомнено е дека плодот на работата на турското раководство во изминатите 16 години резултираше денес да постои Република Турција чиј збор, став и мислење за глобалните прашања се ценат и бараат“, изјави Ердоган.
Ердоган, исто така, изјави дека Турција со 8,2 милијарди долари во моментот е прва во светот по помош на најмалку развиените земји.
Тој ја нагласи и важноста на соработката во борбата против тероризмот во светот и додаде дека Турција одлучно се бори против сите такви организации.
„Како и да се викаат, според што и да се раководат, сите терористички организации се заеднички непријател на човештвото. Што е ДЕАШ, тоа е и ФЕТО. Што е ПКК, тоа е Боко Харам и Ел Шабаб“, изјави Ердоган.
Тој посебно се осврна на важноста на борбата против терористичката организација ФЕТО, која на 15 јули 2016 година изврши обид за државен удар во Турција, и нагласи дека Јужноафриканската Република е една од земјите во кои таа опасна организација најмногу дејствува.
„За тоа ќе разговарам со челниците на Јужноафриканската Република. Претходно им доставивме документи, а ќе им доставиме и нови. Ќе ги потсетам дека поради таа терористичка организација, Јужноафриканската Република утре би можела да се соочи со проблемот со кој Турција се соочи на 15 јули“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател порача дека Турција нема да дозволи ФЕТО да ја извалка и претвори Јужноафриканската Република во терористичка база, ниту да ја злоупотребува великодушноста на народот на таа африканска земја.
„ФЕТО е валкана, предавничка структура која го труе системот во секоја земја каде што се наоѓа“, изјави Ердоган и додаде дека Турција ќе ја продолжи борбата сè додека и последниот терорист на таа организација не го изведе пред лицето на правдата.
Ердоган во Јоханесбург ќе присуствува и на самитот на лидерите на меѓународната организација БРИКС, која на платформата за економска соработка ги вклучува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
Тоа ќе биде можност за низа билатерални состаноци во рамките на самитот, а официјално е потврдено дека Ердоган таков состанок ќе одржи со рускиот претседател Владимир Путин.
Ердоган денес изјави дека на состаноците со лидерите во Јоханесбург отворено ќе разговара за сите важни прашања бидејќи во спротивно, средбите од тој вид не би имале никаква смисла.