Selen Temizer
09 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
БРИСЕЛ
Европскиот парламент (ЕП) прифати Дигиталниот ковид-сертификат да се користи за патувања во рамките на границите на Унијата, известува Агенција Анадолија (АА).
ЕП oбјави дека на вчерашното гласање, нацрт-законот бил прифатен со 690 гласа.
Откако законот ќе биде одобрен од Советот на Европската Унија (ЕУ), тој ќе стапи на сила на 1 јули по објавувањето во Службен весник.
- Дигитален ковид-сертификат
Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, на 20 мај објави дека преговорите меѓу Комисијата на ЕУ, Европскиот совет и ЕП за сертификатот за вакцинација резултирале со консензус.
Според постигнатиот консензус, земјите членки на ЕУ, почнувајќи од 1 јули кога сертификатот ќе стапи во сила, ќе ги избегнат ограничувањата во патувањата, како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Сертификатот ќе биде бесплатен, во хартиена или дигитална форма. Сертификатот за вакцинација ќе содржи информации што покажуваат дали лицето има примено вакцина против Ковид-19, ако има, каде и која вакцина ја има примено. Во исто време документот ќе има податоци доколку лицето ја има прележано болеста, нивото на антителата и резултатот од тестот за Ковид-19. Благодарение на сертификатот ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ.
Во моментов, во ЕУ одобрени се вакцините произведени од компаниите „БајоНТек-Фајзер“, „Модерна“, „Астразенека“ и „Џонсон и Џонсон“.