Bilal Acar
10 Мај 2021•Ажурирај: 11 Мај 2021
ЛОНДОН (АА) - Европскиот муслимански форум најостро го осуди планираното протерување на палестинските семејства од населбите Шеик Џарах и Силван, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Европскиот муслимански форум се наведува дека се одлучни да ја заштитат џамијата „Ал Акса“ од нападите, разорувањето и вооружената окупација на Израел.
Уште се додава дека претставниците на муслиманските заедници на европскиот континент изразуваат „длабока загриженост“ поради крвопролевањето во Источен Ал-Кудс (Источен Ерусалим).
„Неприфатливи се таквите провокации во Рамазан, светиот месец за Палестина и муслиманите од целиот свет. Европскиот муслимански форум е одлучен да ја заштити Ал Акса, едно од најголемите свети места на нашата религија, од нападите, разорувањето и вооружената окупација“, се наведува во соопштението.
Нападите на израелската полиција и војници на џамијата „Ал Акса“ се опишани како одвратни.
Се наведува дека Европскиот муслимански форум, кој ги вклучува муслиманските челници од 36 европски држави, внимателно ги следи случувањата околу најдолгиот судир на Блискиот Исток.
„Остро ја осудуваме нехуманата практика на окупација со која семејствата чии голем број генерации живееја таму се протеруваат од своите домови. Нашите срца чукаат заедно со срцата на нашите арапски браќа. Одлучни сме во тоа да ја заштитиме нивната татковина и нивните права.“
Палестинците во Ал-Кудс веќе неколку дена протестираат поради израелските рации и судски одлуки за протерување на палестинските семејства од Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили во петокот со интервенција се обидоа да ги разбркаат верниците од комплексот на „Ал Акса“.
Стотици Палестинци се повредени за време на нападите на израелските сили, а голем број земји и меѓународни организации најостро ги осудија израелските напади.