Ekipa
10 Мај 2021•Ажурирај: 10 Мај 2021
КУДС (АА) - Директорот на џамијата „Ал-Акса“ во Источен Кудс (Ерусалим) апелираше за помош од исламскиот свет поради упадот на израелската полиција на светото место, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шеикот Омар ал-Кисвани изјави дека џамијата „Ал-Акса“ е под напад на Израел.
„Радикалните Евреи нема да влезат во Харам ал-Шериф (главниот објект на „Ал-Акса“) пред да ги изгазат нашите тела“, нагласи тој.
Изјавувајќи дека израелската полиција ја нарушила светоста на Харам ал-Шериф, тој му се обрати на исламскиот свет: „Каде е твојата чест?“
Израелската полиција денес упадна во џамијата „Ал-Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и ги нападна Палестинците кои беа на стража за да спречат упад на радикалните Евреи.
Здравствени извори за АА велат дека стотици луѓе се повредени за време на израелскиот упад, а најмалку 80 од нив се хоспитализрани.
Радикалните Евреи одлучија насилно да влезат во џамијата „Ал-Акса“ за да ја одбележат годишнината од шестдневната војна во 1967 година, кога Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), познат како „Ден на Ерусалим“ според хебрејскиот календар.
Организациите на радикалните Евреи повикаа на упади во џамијата „Ал-Акса“ за вчера и денес за да го одбележат денот.
Џамијата „Ал-Акса“ е трето свето место за муслиманите во светот. Евреите подрачјето го нарекуваат „Ридот на храмовите“ и тврдат дека во далечното минато на тоа место се наоѓале два еврејски храма.
Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), каде што се наоѓа Ал-Акса, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектираше целиот град во 1980 година, потег што меѓународната заедница никогаш не го призна.