Ekipa
28 Декември 2022•Ажурирај: 29 Декември 2022
КУДС (АА) - Израелскиот премиер, мандатарот Бенјамин Нетанјаху, го назначи членот на Ликуд, Цачи Ханегби, за шеф на Советот за национална безбедност, јавуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јавниот сервис КАН го нарече назначувањето „големо изненадување“ со оглед на тоа што Ханегби не беше избран за член на Кнесетот (израелскиот Парламент) на општите избори минатиот месец.
Ханегби (65) служеше во неколку министерски функции, вклучително и во внатрешна безбедност и регионална соработка.
Тој ќе го замени Ејал Хулата, кој минатиот месец го информира премиерот во заминување, Јаир Лапид, дека има намера да ги прекине своите должности со крајот на мандатот на актуелната Влада.
Советот за национална безбедност беше формиран во Кабинетот на израелскиот премиер во март 1999 година, на крајот од првиот мандат на Нетанјаху како премиер.
Советот е одговорен за обезбедување стратешки совети до премиерот и за безбедносни препораки до Владата.
Се очекува Кнесетот в четврток да одржи специјална седница за да ѝ даде доверба на новата Влада на Нетанјаху.
Нетанјаху (73) беше премиер од 1996 до 1999 година, а потоа 12 години по ред, од 2009 до 2021 година.