Ekipa
28 Декември 2022•Ажурирај: 29 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Египет денеска соопшти дека извозот на природен гас го зголемил за 14,3 отсто во 2022 година на 8,4 милијарди долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за нафта и минерални ресурси соопшти дека Египет оваа година извезол 8 милиони тони природен гас, што е повеќе од минатата година кога извезе околу 7 милиони тони.
Во 2021 година, Египет од извозот на гас оствари приход од 3,5 милијарди долари.
Скокот во приходите на Египет од продажбата на природен гас се припишува на повисоките цени на течниот природен гас на глобално ниво.
Египет постигна самоодржливост на полето на снабденост со природен гас во 2018 година, со годишен просек од 64 милијарди кубни метри.
„Нафтениот сектор успеа да инвестира во планот на Владата за рационализирање на потрошувачката на електрична енергија со цел да се обезбедат дополнителни количества гас за извоз“, нагласува Министерството.
Во август, египетската Влада одобри план за редуцирање на потрошувачката на гас и електрична енергија, во обид да обезбеди доволно количества за извоз во Европа.
Поради војната на Русија против Украина на почетокот од оваа година, Европската Унија се фокусира кон намалување на зависноста од дотокот на енергенси од Москва преку постигнување договори на полето на енергетиката со други земји, меѓу кои и со Египет.
Вчера Египет отвори меѓународен тендер за барање природен гас и сурова нафта во Средоземното Море и делтата на Нил, во обид да го зголеми производството на гас на земјата за да ги задоволи потребите на домашниот пазар и за извоз.