Burç Eruygur
28 Декември 2022•Ажурирај: 30 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша „ништовна и неважечка“ уредба за поедноставена процедура за Украинците кои живеат во четирите источни региони да добијат руско државјанство, истакна украинското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Уредбата, со која се одобруваат поедноставените процедури за откажување од украинското државјанство и добивање руско државјанство, е ништовна и неважечка и ја покажува неподготвеноста на Русија да преговара, и желбата на нејзиното раководство да продолжи со војната, и со апсорпција на територијата на Украина“, соопшти Министерството.
Опишувајќи ја уредбата како „присилно наметнување“ на руско државјанство на Украинците, во соопштението се наведува дека украинските граѓани се соочени „со нехумани услови и се лишени од основното право слободно да избираат државјанство“.
„Постапката за издавање руски пасоши на украински деца и адолесценти на возраст меѓу 14 и 18 години, насилно префрлени на територијата на Руската Федерација… е блатантно кршење на фундаменталните човекови права“, се додава.
Министерството за надворешни работи на Украина соопшти дека уредбата „нема правно дејствие и нема да биде признаена од Украина и од огромното мнозинство земји членки на ОН“.
Во понеделникот Путин потпиша уредба за стапување во сила на процесот со кој Украинците во источните украински региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон ќе можат да добијат руски пасош, откажувајќи се од своето украинско државјанство.
Четирите украински региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон беа припоени кон Москва со претседателски указ на почетокот на октомври по одржаните референдуми поддржани од Москва, кои беа отфрлени од меѓународната заедница.