Mustafa Deveci
31 Јануари 2024•Ажурирај: 01 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за Палестина, Франческа Албанезе, ги нарече двоен стандард чекорите преземени од западните земји што ја прекинаа помошта за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), а продолжуваат да го поддржуваат Израел, кој и понатаму врши масакри во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Албанезе реагираше на платформата за социјалната мрежа Х за прекинувањето на помошта од некои западни земји за УНРВА.
„Западните влади го прекинаа финансирањето на УНРВА поради сериозни обвинувања против 12 вработени. Тие влади не ги прекинаа односите со државата (Израел) чија војска за 3,5 месеци во Газа уби 26.000 луѓе, иако Меѓународниот суд на правдата рече дека тоа може да претставува кривично дело геноцид. Двоен стандард? Да, на највисоко ниво“, наведе Албанезе.
Финансирана од доброволни прилози од земјите членки на ОН, УНРВА е главна организација што обезбедува хуманитарна помош како храна, здравство, образование и засолниште за палестинските бегалци откога ги започна своите активности во 1950 година.
Денес Агенцијата обезбедува поддршка за 5,9 милиони палестински бегалци.
Додека УНРВА се обидуваше да ги залечи палестинските рани речиси 74 години, Израел во повеќе наврати ги гаѓаше објектите на организацијата, тони храна и лекови се уништени.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на итна истрага за наводите на израелските власти дека персоналот на УНРВА бил вмешан во нападите на 7 октомври. УНРВА, исто така, започна истрага за обвинувањата на Израел.
Германија, Швајцарија, Италија, Канада, Финска, Исланд, Австралија, Велика Британија, Холандија, САД, Франција, Австрија, Јапонија и Естонија објавија дека одлучиле привремено да ја прекинат финансиската поддршка на УНРВА.
Од друга страна, Норвешка, Ирска и Шпанија најавија продолжување на поддршката за УНРВА.