Esat Fırat
10 Мај 2021•Ажурирај: 11 Мај 2021
КУДС (АА) - За време на интервенцијата на израелската полиција во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во Кудс (Ерусалим) нападната е новинарската екипа на Агенција Анадолија (АА).
Есат Фират, репортерот на АА кој известува од Кудс, е повреден во пределот на абдоменот за време на интервенцијата на израелската полиција на влезовите во Ал Акса.
Фират, кој известуваше за случувањата во Харем-и Шериф, беше погоден со звучна бомба што ја фрли полицијата, поради што се здоби со повреди во десниот дел на абдоменот. Репортерот на АА се здоби со полесни повреди и на терен му е укажана лекарска помош.
Израелската полиција го нападна и камерманот, Фајез Eбу Румeила, кој ги следеше настаните во комплексот на џамијата Ал Акса, а со гумен куршум е повреден и фоторепортерот на АА, Мостафа Алхаруф.
Израелската полиција при нападот му ја искина облеката на Eбу Румеила, а на Алхаруф, кој е погоден во градите, во болница му е укажана лекарска помош.
Палестинците во Кудс веќе неколку дена протестираат поради израелските рации и судски одлуки за протерување на палестинските семејства од Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили во петокот со интервенција се обидоа да ги истераат верниците од комплексот на „Ал Акса“.
И утринава израелските сили интервенираа врз Палестинците кои се собраа по клањањето на сабах-намаз за да го спречат влезот на екстремните еврејски групи во комплексот „Ал Акса“.
Во интервенцијата на израелската полиција повредени се најмалку 300 Палестинци.
Радикалните еврејски групи вчера и денес го одбележуваат „Денот на Ал Кудс“ во знак на сеќавање на денот кога Израел на крајот на Шестдневната војна во 1967 година го окупираше Ал Кудс (Ерусалим). По тој повод ги повикаа радикалните Евреи да влезат во комплексот „Ал Акса“.
Директорот на комплексот „Ал Акса“, Омар ал Кисвани, го повика исламскиот свет да помогне. Тој преку разгласот на Харем-и Шериф истакна дека „Ал Акса“ се наоѓа под голем напад и најави продолжување на палестинскиот отпор.