Ekipa
10 Мај 2021•Ажурирај: 10 Мај 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили се повлекоа од дворот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим денес по 4-часовната рација на местото, во која се повредени 305 палестински верници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според дописникот на АА, израелската полиција повторно ги отворила портите на џамијата „Ал Акса“ непосредно по нивното повлекување од местото.
Израелската полиција денес упадна во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и ги нападна Палестинците што беа на стража за да спречат упад на радикалните Евреи.
Илјадници Палестинци излегоа на протести во комплексот на џамијата „Ал Акса“, лоциран во стариот град Ерусалим, откако таму извршија утринска молитва. Палестинците потоа останаа таму за да ја чуваат џамијата од упад на радикалните Евреи.
Поставувајќи барикади на некои точки на Харам ал-Шариф, главната зграда на „Ал Акса“, тие извикуваа пароли за џамијата и рекоа дека нема да заминат оттаму.
Израелската полиција потоа изврши рација во џамијата и употреби солзавец, гумени куршуми и шок-бомби во судирите со Палестинците, кои одговорија со фрлање камења.
Радикалните Евреи одлучија насилно да влезат во џамијата „Ал Акса“ за да ја одбележат годишнината од Шестдневната војна во 1967 година, кога Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), ден познат како „Ден на Ерусалим“ според хебрејскиот календар.
Организациите на радикалните Евреи повикаа на упади во џамијата „Ал Акса“ за вчера и денес за да го одбележат денот.
Џамијата „Ал Акса“ е трето свето место за муслиманите во светот. Евреите го нарекуваат подрачјето „Ридот на храмовите“ и тврдат дека во далечното минато на тоа место се наоѓале два еврејски храма.
Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектираше целиот град во 1980 година, потег што меѓународната заедница никогаш не го призна.