Sadık Kedir Abdu
21 Јуни 2018•Ажурирај: 23 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европол соопшти дека верува оти терористичката организација ПКК ја користи Европа како база за логистика и набавка на оружје, но и за врбување луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот на Европол за тероризмот за 2018 година, ПКК спроведува процес на воено врбување и вложува напори со цел индоктринација на курдската дијаспора во различни делови на Европа.
„Лицата минуваат низ воена обука во воените кампови во Ерменија, Иран и Ирак со цел да ја совладаат борбената техника“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се наведува и дека ПКК незаконски собира приходи преку трговија со дрога, криумчарење мигранти, трговија со луѓе, криумчарење гориво и цигари, изнудување, киднапирање и перење пари.
„Организацијата за овие цели користи одредени групи и хуманитарни организации во Европската Унија (ЕУ). Исто така, постои сомневање дека е вклучена во криминални активности, со цел да ги зголеми приходите за покривање на трошоците во Турција, на Блискиот Исток и во Европа“, се додава во извештајот.
ПКК се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).