Agnes Szücs
26 Септември 2023•Ажурирај: 27 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Еврокомесарката Вера Јоурова предупреди дека Русија може да се меша во изборите за Европскиот парламент следната година со ширење дезинформации на онлајн платформите, јавува Анадолу.
Јоурова, потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, на прес-конференцијата го претстави првиот извештај за активностите преземени од водечките технолошки компании според Кодексот за дезинформација на Европската Унија.
„Кремљ и другите ќе бидат активни пред нашите европски избори“, предупреди Јоурова.
Таа побара од главните интернет-платформи да бидат особено внимателни за „ризикот од дезинформации“ на претстојните национални избори и избори за Европскиот парламент, што ќе се одржат од 6 до 9 јуни 2024 година.
„Руската држава се вклучи во војна на идеи за да го загади нашиот информативен простор“, рече Јоурова.
Таа објасни дека Русија користи тактики на „полувистини и лаги за да создаде лажна слика дека демократијата не е подобра од автократијата“.
„Денес ова е мултимилионски бизнис на масовна манипулација, кој е внатрешно насочен кон Русите, како и кон Европејците и остатокот од светот“, тврди Јоурова.
Таа рече дека според извештаите од Гугл, Јутјуб уништил повеќе од 400 канали вклучени во „координирани операции за влијание поврзани со руската државна агенција за истражување на интернет“ во периодот од јануари до април.
Таа додаде дека Гугл исто така отстранил реклами од речиси 100 страници кои биле „поврзани со пропагандни сајтови финансирани од државата“.
Сервисот за проверка на факти на ТикТок анализираше 832 видеа поврзани со војната и отстрани 211 од нив поради дезинформации.
Јоурова откри дека овие содржини главно го оправдуваат „правото на Русија да ја нападне Украина“ затоа што „Украинците се нацисти“ и „немаат право да постојат како независна земја“, или шират наративи против украинските бегалци или „дека ЕУ пука во себе со санкциите против Русија“.
Кодексот за дезинформација на ЕУ моментално има 44 потписници, вклучувајќи ги Фејсбук, Јутјуб, Линкдин и Гугл.