Ömer Faruk Yıldız
22 Јули 2022•Ажурирај: 26 Јули 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Ханс Клуге, регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, истакна дека топлотниот бран што ја зафати Европа и предизвика загуба на животи во последните недели е застрашувачки и апокалиптичен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Клуге во својата писмена изјава ги оцени смртните случаи поради топлотниот бран што ја зафати Европа.
Наведувајќи дека европските земји треба да подготват заеднички план против негативното влијание на топлотниот бран како резултат на климатските промени, Клуге рече: „Моменталната криза го загрозува јавното здравје и постоењето на човештвото.“
Тој истакна дека топлотните бранови, кои предизвикаа голем број смртни случаи низ Европа, досега не се видени и се застрашувачки и апокалиптични: „Владите мора да ја напуштат празната реторика и да покажат политичка волја за спроведување на Програмата за климатски промени во Парискиот договор.“
Потсетувајќи на препораките на СЗО за заштита на јавното здравје при топло време, Клуге рече: „Разладувајте се и пијте вода. Користете широка и тенка облека. Туширајте се со ладна вода. Избегнувајте алкохол, кофеин и пијалаци со шеќер.“
Клуге, исто така, ја подвлече важноста за тоа секој што е изложен на топло време најмалку 2-3 часа дневно, да седи во умерена средина.
Светската метеоролошка организација (WMO) соопшти дека поради топлотните бранови во последните две недели, во Шпанија и Португалија има најмалку 1.700 смртни случаи.