İslam Uddin
25 Септември 2019•Ажурирај: 30 Септември 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Стотици деца во главниот пакистански град Исламабад одржаа протести пред Парламентот за да ја искажат својата солидарност со децата од Кашмир, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот започна во „Pakistan Sweet Homes“, центар за деца сирачиња во Исламабад, кои во протестната прошетка до зградата на Парламентот извикуваа слогани за укинување на ограничувањата во Џаму и Кашмир.
На транспарентите кои ги носеа, пишуваше „Ние стоиме обединети со нив“, „Децата од Кашмир се лишени од образование и здравствени услуги“ и „Кашмир крвари“.
Некои деца носеа плакати со фотографијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на кој пишуваше „Чичко! Ве молиме, спасете ги децата во Кашмир!“.
„Ние сме тука да покажеме солидарност со децата во Кашмир кои се притворени во изминатите 51 ден“, изјави за АА Салман Рафик, момче од домот за сирачиња „Pakistan Sweet Homes“.
„Светот треба да ги спаси децата во Џаму и Кашмир“, додаде тој.
На уникатен начин на покажување солидарност со децата од Кашмир, кој е под управа на Индија, пакистанските деца побараа да се укине полицискиот час и да се отворат училиштата.
„Училиштата се затворени во последните 51 ден, децата се во затвор под отворено небо заедно со своите родители, и сите права на децата се одземени од индиската Влада“, им рече на новинарите Замурад Кан, директор на „Pakistan Sweet Homes“.
„Децата од Кашмир се соочуваат со најлоша состојба и децата од Пакистан стојат зад нив“, додаде тој.
„Pakistan Sweet Homes“ е организација за социјална грижа, која ги поддржува децата кои ги загубиле своите родители, особено во екот на терористичките акти, како последица на поплави и други природни непогоди.
Децата побараа од светските организации за правата на децата да го дигнат својот глас за децата во Џаму и Кашмир и да ги вратат нивните права.
Регионот Џаму и Кашмир од 5 август се соочува со обиди за угнетување, кога индиската Влада го отповика членот 370 од Уставот на Индија, кој ѝ даваше посебен статус на оваа област, при што Владата го блокираше комуникацискиот пристап и воведе ограничувања во движењето за да спречи каков било протест во регионот.
Стотици луѓе, претежно политички лидери, се приведени или уапсени откако индиската Влада го направи овој потег, според неколку групи за човековите права, вклучително и „Амнести интернешнл“ (Amnesty International) и „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch).
Индиските власти, пак, тврдат дека се укинати дневните ограничувања за 90 отсто од регионот.
И Индија и Пакистан имаат под своја контрола делови на Кашмир. Кина, исто така контролира дел од оспорениот регион, но Индија и Пакистан во два наврати војуваа поради Кашмир.