Ekip
18 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
РАМАЛА (АА) - Девет Палестинци се повредени во новите израелски напади на окупираниот Западен Брег, според палестинската Црвена полумесечина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Медицинскиот тим укажа помош на шест Палестинци кои беа повредени во градовите Ал-Јамун и Кафр Дан во северниот дел на Западниот Брег, се вели во соопштението.
Според очевидците, израелските сили извршиле рација во неколку домови во градот Ал-Јамун, предизвикувајќи судири со локалните жители.
Палестинското Министерство за здравство рече дека двајца од повредените се во критична состојба.
Тројца други Палестинци се застрелани и ранети во судирите со израелските сили во градот Карават Бани Зеид во близина на Рамала, јави државната новинска агенција Вафа.
Израелската Армија организираше кампањи за апсења во палестинските градови во изминатите денови, предизвикувајќи судири со гневните палестински жители.
Тензиите на палестинските територии се во пораст откако израелските сили упаднаа во комплексот Ал Акса во петокот, при што беа повредени стотици верници.
Џамијата Ал Акса е третото најсвето место во светот за муслиманите. Евреите ја нарекуваат областа „Градот на храмот“, тврдејќи дека тоа било место на два еврејски храма во минатото.
Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година го окупираше Источен Ерусалим, каде што се наоѓа Ал Акса. Го анектираше целиот град во 1980 година со потег што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.