Adham Kako,Levent Tok
01 Октомври 2017•Ажурирај: 02 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во воените интервенции на Русија која во Сирија трае веќе две години, загинаа најмалку 5.233 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Сириската мрежа за човекови права потсети дека Русија на 30 септември 2015 година покренала воена интервенција во Сирија под изговор борба против тероризмот и поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
„Во двегодишната воена интервенција на Русија во Сирија загинаа најмалку 5.233 цивили, од кои 1.417 деца и 886 жени“, се наведува во извештајот на мрежата.
Се додава дека голем број цивили кои настрадале во нападите на руските сили, се наоѓале на подрачјата под контрола на опозицијата.
„Силите за кои претпоставуваме дека припаѓаат на Русите во Алепо усмртија 2.762 лица, во Идлиб 1.343, во Деир ез-Зор 452, Хомс 243, во Рака 241, во Хама 84, Хасеке 43, Дера 22, во Латакија еден и Дамаск и околината 42 цивили“, истакнато е во извештајот.
Податоците покажуваат дека во руските воздушни напади извршени во последните три месеци од 2015 година настрадале 901 цивил, во 2016 година 3.529, а во 2017 година, 803 цивили.
Освен тоа, целта на руските воздушни напади биле 109 храмови, 143 училишта, и 119 медицински центри. Во споменатите напади загинаа и најмалку 47 медицински работници.
Во извештајот се наведува дека руските воздушни напади врз населбите се причината за масовните миграциски бранови.
„Воздушните напади на Русите и воените операции раселија околу 2,3 милиони цивили првенствено од Алепо, Хомс, Идлиб, Латакија, Рака и Деир ез-Зор“, се додава.
Во извештајот се наоѓа и повик да се покрене истрага за сторените злосторства во Сирија и сето друго што се случуваше во таа земја.